Согласно Законот за стечај по исполнетиот законски минимум за потребен број на стечајни управници со добиено уверение за положен исшит за овластен стечаен управник, на 23.06.2007 година во Скопје се одржа основачкото Собрание на Комората на стечајни управници. На Собранието беа избрани органите на Комората и потоа се пристапи кон нејзино регистрирање во Централниот регистар.
Стечајните управници кои се стекнале со лиценца за вршење на работите стечаен управник се организираат во комора на стечајни управници на Република Северна Македонија. Седиштето на Комората се наоѓа во Скопје и истата има својство на правно лице. Таа се запишува во регистарот во кои се водат другите правни лица.
Органи на Комората
- Собрание на Комората
Собранието на Комората е највисок орган на Комората и него го сочинуваат сите стечајни управници на територијата на Република Северна Македонија. Основната должност на Собранието е да го чува угледот и честа на вршењето на работите на стечаен управник и да с егрижи стечајните управници да ги вршат своите должности совесно и во согласност со овој и друг закон, кодексот на стечајните управници и другите акти определени со овој закон за вршење на должноста стечаен управник.
- Управен одбор
Собранието на Комората од редот на своите членови стечајни управници избира Управен одбор со мандат од три години. Бројот на членовите на Управниот одбор го одредува Собранието во согласност со Статутот, со тоа што вклучуваќи го и претседателот на Комората, тој мора да биде непарен.Челеновите на Управниот одбор ја вршат својата функција бесплатно, меѓутоа тие имаат право на надомест на трошоците што ги имале во врска со вршењето на функцијата.Одлуката за висината на трошоците ја донесува Управниот одбор на Комората согласно актот за висината и надоместокот на патните трошоци.
- Надзорен одбор
Со Статутот се уредуваат и организацијата, надлежноста составот, начинот на избор правата и должностите на овој орган на Комората.
- Претседател на Комората
Претседателот на Комората го избира собранието на Комората за време од три години. Во исто време претседателот на Комората е претседател и на управниот одбор. Претседателот ја претставува и застапува комората.Потпретседателот на Комората го избира управниот одбор од редот на своите членови. Неговите надлежности се утврдуваат со статутот на Комората, со тоа што тој е надлежен да ги решава споровите помеѓу стечајните управници и да се грижи комората да дејствува согласно законот и статутот. Доколку се отсутни претседателот на комората и потпретседателот нив ги заменува најстариот член на Управниот одбор.